
Најмалку 19 лица загинале а уште три се тешко повредени во судар кој се случил ноќта кон неделата по средноевропско време на автопат во централниот дел на Мексико.
Несреќата се случила на наплатна рампа за патарина близу местото Чалко, на автопатот кој Сиудад де Мехико го поврзува со големиот град Пуебла, 110 километри јужно од главниот град.
Камион во полна брзина налетал на колона од шест возила од кои повеќето се запалиле. Меѓу загинатите е и возачот на камионот, се наведува во соопштението на Управата за федерални патишта и мостови (CAPUFA), државната агенција за управување со мескиканските патишта.
Електронската страница на весникот Milenio објави дека според првичните сознанија на истрагата, на камионот кој се движел со голема брзина му откажале сопорачките и удрил во автомобилите кои чекале во ред пред патарината. Притоа се запалиле десетина автомобили од кои шест целосно изгореле, а луѓето ги загубиле животите во пожарот, се додава.