ССМ бара пратениците да ги усвојат законите за унапредување на работничките права

Сојузот на синдикати на Македонија бара од пратениците веднаш да ги усвојат сите законски решенија кои се заглавени во Собранието, а се однесуваат на остварување и унапредување на работничките права.

Бараат да се усвои законското решение со кое недела се прогласува за неработен ден и со кое сите оние кои работат во дејностите каде не може да има застој во технолошкиот процес да им биде исплатена дневницата зголемена за минимум 50 проценти. Се бара и донесување на нов Закон за работни односи со кој ќе се решат проблемите со кои се соочуваат вработените како што се договорите на определено време, прекувремената работа, регресот за годишен одмор, работа од дома….

Поради зголемување на животните трошоци, ССМ бара и итно зголемување на платите, како и на минималната плата за најмалку 60 проценти од просечната плата.

„Доколку и понатаму пратениците останат глуви на нашите барања, ССМ ќе побара да се донесе одлука на највисоките органи и тела во сите синдикати здружени во ССМ за да се повика членството и сите работници на генерален штрајк“, се наведува во денешното соопштение од ССМ.