Прекумерното користење на екранот го зголемува ризикот од кратковидост кај децата за 80 проценти

Многу време поминато пред екранот на мобилниот телефон или компјутерот може да го зголеми ризикот од миопија кај децата и до 80 отсто, покажува најновото истражување објавено во здравствениот магазин „The Lancet Digital Health“.

Се покажа дека повеќе од 3.000 испитаници ја поврзуваат изложеноста на паметни уреди со кратковидоста кај децата и младите на возраст од три месеци до 33 години, според студијата спроведена од експерти од Универзитетот Англиа Раскин во Кембриџ, Англија.

Тие открија јасна врска помеѓу времето поминато во гледање телефони или таблети и поголем ризик од развој на миопија. Само паметните телефони го зголемуваат ризикот за 30 проценти, но во комбинација со прекумерната употреба на компјутер, ризикот се зголемува на 80 проценти.

Истражувачите стравуваат дека тоа би можело да значи дека до 2050 година половина од светското население би можело да биде кратковидно или да страда од проблеми со губење на видот.

Во 2019 година, Светската здравствена организација препорача децата на возраст под две години да не поминуваат време пред екранот, а на децата на возраст од две до пет години им се советуваше да користат паметни уреди до еден час во текот на денот.

Истата година, истражувањето на CensusWide на 2.000 британски семејства покажа дека децата поминуваат во просек 23 часа неделно на екраните на телефонот, таблетот или компјутерот.

Бројни студии покажаа дека оваа бројка значително се зголемила за време на пандемијата на коронавирусот, бидејќи повеќето деца поминувале време дома и оделе на училиште онлајн, што значело користење на уреди со нова технологија.

Руперт Борн, професор по офталмологија и коавтор на студијата, рече дека кратковидоста е здравствена грижа која брзо ескалира.

– Нашата студија е најсеопфатна досега за ова прашање и покажува потенцијална поврзаност помеѓу времето поминато со екранот и миопијата кај помладата популација – посочи тој.

Тој додаде дека е јасно дека итно се потребни дополнителни истражувања за подобро да се разбере како изложувањето на дигитални уреди може да влијае на очите и видот.

– Исто така, знаеме дека луѓето реално не го доживуваат времето кое го поминуваат пред екранот, па затоа во идните студии треба да се користат објективни мерки за собирање информации – заклучува Борн.