Утрово во Лазарат запленети половина тон марихуана

Албанската полиција утрово заплени половина тон марихуана на периферијата на селото Лазарат.

Полициската акција е извршена по добиена дојава за сомнително движење во околината на селото, кое е познато по одгледување и производство на огромни количества дрога, поради што е наречено „фабрика за марихуана“.

Запленетата дрога била спакувана во 10 вреќи.

„При запирање на комбето со фалсификувани регистарски таблици, во кое се наоѓала дрогата, возачот успеал да побегне но полицијата го откри неговиот идентитет и во тек е акција за негово апсење“, соопшти полицијата.

И покрај полициските интервенции за чистење на околината и самото село Лазарат, како и постојаните контроли и големиот притисок од страна на полицијата, марихуаната и понатаму ја има во огромни количества во ова подрачје.