
Легендарната шведска поп-група ABBA се искачи на врвот на британските топ-листи со албумот „Voyage“, првиот студиски албум по 1981 година.
За само седум дена од издавањето минатиот петок, „Voyage“ е продаден во 204.000 примероци, што претставува најдобар старт на некој албум во Велика Британија последните четири години, по издавањето на албумот „Divide“ на британската поп-ѕвезда Ед Ширан.
Од распадот кон крајот на 1982 година, една година по издавањето на последниот албум „The Visitors“, Агнета, Бјорн, Бени и Ани-Фрид повеќе не објавија ниедна песна.
„Voyage“ е нивниот десетти албум кој се искачува на првото место во Велика Британија и само уште седум групи и музичари имаат повеќе: The Beatles, Rolling Stones, Елвис Присли, Роби Вилијамс, Мадона, Брус Спрингстин и Дејвид Боуви.
„Многу сме среќни, бидејќи се чини дека нашите фанови ужуваа во нашиот албум колку и ние. Апсолутно сме одушевени што новиот албум е на врвот на листата“, коментарише ABBA во соопштение.
Продадените 204.000 примероци вклучуват 90 отсто физички албуми, од кои 29.000 винилни изданија, што е најдобар почетокот за класичните плочи во XXI век кога станува збор за продажба во првата седмица.
Претходниот рекорд го држеше албумот „Tranquility Base Hotel & Casino“ на британскиот рок-бенд Arctic Monkeys, кој во 2018 година беа продадени 24.500 винилни изданија во првите седум дена.