Австрија има намера да воведе „затворање“ за граѓаните кои не се вакцинирани против коронавирусот уште од недела на полноќ, а тоа според сегашниот план ќе биде на сила до 24-ти ноември.
Нацрт-предлогот, во кој увид имала германската новинска агенција DPA, истакнува дека се потребни интервенции за да се „спречи распадот на здравствениот систем“.
Сојузната влада за предложениот „локдаун“ има намера да дискутира со челниците на покраинските влади во недела. Според медиумите, и пред одржувањето на тој состанок, за овој потег веќе има широка поддршка.
Комисијата на Националниот совет, долниот дом на австрискиот парламент, би требало да ја донесе одлуката за новата уредба во недела навечер, што се претпоставува деќа ќе биде само формалност.
Доколку „затворањето“ биде воведено, лицата кои не се вакцинирани или не прележале Covid-19 нема да смеат да ги напуштаат своите домови освен под одредени околности. Од прописот би требало да бидат изземат лицата кои изведуваат неопходни работи, кои одат на работа, излегуваат поради сопственото телесно и душевно здравје, или поради „основани верски потреби“. Затворањето не се однесува на децата помлади од 12 години.
Австрија во саботата потврди повеќе од 13.000 нови случаи на зарази со коронавирусот, што е досега најголем број нови коронаинфекции во земјата. Седмичната инциденца, односно зачестеноста на заразата со коронавирусот на 100.000 луѓе се зголемила на 814,6.
Таквите бројки се бележат само неколку дена откако Австрија веќе ги заостри мерките за справување со четвртиот бран на епидемијата, како што е воведување на забраната за пристап до поголемите јавни простори за оние кои сѐ уште не се вакцинирале.
„Мораме да продолжиме да бидеме истрајни за да се избориме против пандемијата на коронавирусот“, изјави за австриската новинска агенција APA Херман Шуцзенхофер, премиер на сојузната покраина Штаерска.
Јохана Микл-Лејтнер, премиерка на сојузната покраина Долна Австрија, изјави дека е потребно сите сојузни покраини да соработуваат. „Тоа што некои не се подготвени да се вакцинираат не смее да доведе до воведува на ограничувања на сите“, додаде.
Градоначалникот на австриската престолнина Виена, Михаел Лудвиг, исто така, го подржа планот. Додаде дека му се потребни конкретни информации, но дека поддршката за затворањето на невакцинираните не ја доведува во прашање.
Ханс Петер Доскозил, премиерот на покраинета Градишче, го проблематизираше начинот на кој ќе се надгледува таквото „затворање“ и како би можела мерката да биде оправдана во покраините како неговата каде бројот на вакцинираните е релативно висок.