Мисајлевски: Наумоски ја направи општина Ѓорче Петров лидер по долгови во споредба со другите скопски општини

За жал, денешната конференција за печат морам да ја започнам и да кажам дека општина Ѓорче Петров се дави во долгови. Морам исто така да потенцирам дека ова е за жал наследството кое претходниот градоначалник Александар Наумоски го остави на своите сограѓани, но и дека секој еден денар ќе биде утврдено за која намена бил потрошен и каде, истакна Славчо Мисајлевски, советник во советот на Општина Ѓорче Петров.

„Морам да истакнам дека како член на Советот на Општина Ѓорче Петров сум загрижен за нормалното функционирање на општината, особено имајќи во предвид дека новото раководство наследи и четири кредити кои треба да се исплаќаат во наредните години.

За жал почитувани ѓорчепетровци, со недомаќинското работење во минатиот мандат денеска Ѓорче Петров е најзадолжената општина во Скопје за изминативе четири години.

Должен сум како советник и претседател на комисијата за финансирање и буџет, да укажам дека се преземени долгови направени од Наумоски и претходното раководство на Ѓорче Петров, и со пресек до крајот на октомври тие се над 104 милиони денари.

Дополнително, следната година како и 2023 година ќе треба да исплаќаме кредити по над 18 милиони денари на годишно ниво. Или со вкупен износ за 2021, 2022, 2023 година, наследивме долг од над 141 милион денари или над 2 милиони евра.

Да бидеме на јасно, парите кои ги должи општина Ѓорче Петров ги враќаме сите ние, жителите на општината. Затоа, ќе чекаме ревизијата да утврди како успеаја Ѓорче Петров да ја направат лидер по долгови во споредба со другите скопски општини.

Во меѓувреме, сакам да ги уверам граѓаните на Ѓорче Петров дека разговарав со градоначалникот Стојкоски и добив уверување дека ќе се направи СЕ, сите проекти кои се предвидени во програмата која ја доби вашата доверба да бидат реализирани и општината да продолжи со исполнување на своите редовни функции во интерес на граѓаните, додава Мисајлевски.