
Жителите на Маврово бараат објаснување зошто не се почитува донесеното Решение од страна на Општина Маврово, донесено на 15.09.2021, во кое на инвеститорот „Радика Ресорт” му се дава рок од 15 дена за уривање на девет куќи што бесправно се градат под хотелот „Радика“ во мавровското село Леуново, реагираа во понеделникот од партијата Левица.
„Во Решението, освен што е оставен рок од 15 дена за инвеститорот сам да ги сруши дивоградбите, наведено е дека: ‘ако градбата не се отстрани во определениот рок, ќе се пристапи кон присилно административно извршување на решението’. За отстранување на споменатите куќи сѐ уште се чека, а изминати се речиси два месеца од донесеното решение“, се вели во соопштението.
Дополнително, како што поспочуваат од Левица, инвеститорот продолжил со своите градежни активности, додека градоначалникот од СДСМ, Медат Куртовски, на само неколку дена пред локалните избори наплатил комуналии за уште 22 објекта од предвидените 87.
„Дали ваквиот криминал е заштитен директно од власта, со оглед на тоа што постојат индиции дека фирма на поранешен директор на јавно претпријатие од редовите на ДУИ е инволвирана во градбата?“, прашува Левица.
Потсетуваат дека статусот на Националниот парк Маврово не е редифиниран и не се исцртани забранетите зони за градење, иако според Законот за заштита на природата од 2013 година, постои обврска за репрогласување на Националниот парк.
„Криминалната коалиција на СДСМ и ДУИ е целосно ставена во служба на интересите на градежната мафија, додека неповратно се уништува природно богатство и се загрозува опстанокот на еден од најстарите национални паркови“, се заклучува во реакцијата на Левица.