Терористот кој во неделата се разнесе во такси возило пред болницата за женски болести во Ливепрул е 32-годишниот Имад Ал Свилмин, за кого весникот The Guardian добил информации дека си го променил името во Енцо Алмени, а весникот The Daily Mail наведува дека преминал во христијанство од ислам во последните неколку години.
Претходно во понеделникот беше објавено дека е утврден идентитетот на терористот, но во интерес на истратага сѐ уште не се откриваат неговото име и можните мотиви кои сѐ уште се испитуваат. Според полицијата, импровизираната експлозивната направа ја изработил самиот бомбаш-самоубиец.
Полициските истраги сѐ уште се во тек, но во моментов се „доста сигурни“ дека загинатиот е Ал Свилмин. Иследниците продолжуваат со потрагата по каква и да е информација за експлозијата, а сега очекуваат дојава за осомничениот која може да им биде од полза.
„Веруваме дека извесно време живеел во улицата Сатклиф и неодамна изнајмил простории на авенијата Ратленд (во Ливерпул). Фокусирани ни сме на втората адреса каде сѐ уште наоѓаме значајни докази“, изјави на прес-конференцијата во понеделникот вечерта главниот полициски инспектор Ендрју Микс.
Противтерористичкиот оддел на британската полиција и претходно објави дека станува збор за терорситички напад, но засега не се јасни мотивите.
Иследниците не исклучуваат дека нападот бил намерно извршен неколку минути пред 11 часот по локално време односно 12 часот по македонско време во неделата, кога започнува едноминутниот молк во целта земја во рамките на одбележувањето на Денот на сеќавањето, посветени на загинатите британски војници.
Во рамките на истрагата во неделата беа уапсени тројца мажи на 21, 26 и 29 години, а во понеделникот уште еден 20-годишник, кои се осомничени за соучесници на терористот.
Претходно властите на Ливерпул истакнаа дека избегнат е поголем број жртви, благодарение на постапките на таксистот Дејвид Пери, кој наближувајќи кон влезот на болницата забележувајќи го чудното однесување на патникот, го заклучил во возилото. Самиот Пери успеал да искокне од таксито само неколку мига пред експлозијата. Поради здобиените повреди веднаш по експлозијата е хоспитализиран, но во понеделникот утрото е отпуштен од болницата.