Во Иран сакаат со закон да се забрани чувањето домашни миленичиња и шетање кучиња

Во Иран наскоро веројатно ќе се казнува чувањето домашни миленици и шетањето кучиња, пишуваат иранските медиуми.

Тврдолинијашите во парламентот подготвиле нов закон со кој шетањето на кучињата ќе се казнува со високи парични казни, а автомобилите во кои ќе се возат миленичињата ќе бидат запленувани на три месеца.

Покрај тоа, издавачите на недвижнини нема да можат да им издаваат стан или куќа на сопствениците на домашни миленици.

Според исламот, чувањето домашни миленици се смета за „нечисто“, но иранските клерици одат чекор натаму и велат дека шетањето на кучиња предизвикува паника меѓу населението.

Иранската полиција веќе неколкупати се обидуваше да ја воведе таквата забрана но таа не заживуваше, па сега првпат се воведува со закон. Но, познавачите на состојбите во Исламската Република очекуваат дека сопствениците на домашните миленичиња ќе го игнорираат законот, како и претходните забрани.