Над 20.000 нови коронаинфекции во Франција, првпат по август

Франција во средата регистрирала повеќе од 20.000 нови случаи на зараза со коронавирусот, првпат по 25-ти август годинава.

Министерството за здравство објави дека во изминатите 24 часа се потврдени 20.294 нови случаи на Covid-19, со што вкупниот број од почетокот на епидемијата во Франција се зголеми на 7,33 милиони, а седумдевниот просек на 12.400 новозаразени.

Починале уште 56 лица, со што од Covid-19 од почетокот на пандемијата во Франција починале повеќе од 118.000 луѓе.

Седмичната инциденца на новите зарази на 100.000 жители во Франција се зголемил на 129, иако и натаму е далеку помал од соседните земји, како што се Германија, Велика Британија и Белгија.

Во француските болници од Covid-19 се лекуваат 7.663 луѓе, а на одделите за интензивна нега се згрижени 1.300 пациенти.

Портпаролот на француската влада Габриел Атал во средата изјави дека Франција е во петтиот бран на епидемијата, но дека не се планираат нови рестриктивни мерки. Владата се надева дека високиот процент на вакцинираните ќе го ограничи бројот на оние на коишто им е потребна болничка нега.