Талибаните бараат од телевизиите да не прикажуваат серии со жени

Талибанското министерство за унапредување на доблестите и спречување на пороците ги повика авганистанските телевизии повеќе да не прикажуваат серии во кои учестуваат жени, во рамките на новите „верски насоки“ објавени во неделата.

„Телевизиите треба да избегнуваат прикажување фељтони и романтични серии во коишто настапуваат жени“, се истакнува во документот на споменатото министерство испратено до медиумите.

Воедно се бара новинарките да го носат „исламскиот вел“ во програмите на телевизиите, без да се наведува дали станува збор прекривкате за главата кој жените и инаку ја носат на авганистанските телевизии или, пак, за зарот кој покрива поголем дел од лицето.

„Ова не се прописи, туку станува збор за верски насоки“, рекол за AFP портпаролот на министерството за унапредување на доблестите и спречување на пороците, Хакиф Мохаџир.

На авганистанските телевизии, истовремено, им е упатен повикот да ги избегнуваат програмите коишто се „косат со исламските и со авганистанските вредности“, како и оние во коишто се навредува религијата или се „прикажуваат пророкот и неговите другари“.

Ова е првпат споменатото министерство да направи обид да воведе правила на авганистанските телевизиски програми откако талибаните кон средината на август повторно ја преземаа власта во земјата.