„Автобусот излетал и пукнала предната десна гума, па се влечел, имало излевање гориво и бидејќи работело парното на автобусот, оттаму дошла до несреќата од која настанал пожарот. Пожарот настанал од предниот дел на автобусот бидејќи задниот дел е речиси зачуван“, изјави за БНТ Васко Пиргов, експерт за мотори со внатрешно согорување, кој пристигна во првите минути по несреќата на автопатот Струма.
Тој вели дека автобусот не се превртел, а возачот се обидел да сврти в лево, додавајќи дека има снимен материјал „што и не е пријатен за гледање“.
Според првичните информации на бугарските медиуми имало гориво во автобусот што било купено во Турција каде што е поевтино отколку во Македонија и Бугарија. Пожарот избувнал од ова гориво и ова е една од причините за катастрофата. Циркулираат информации дека автобусот кога излегол од заштитната ограда возел 50 метри без застанување. Нема знаци за кочење, што значи дека изгубил контрола над возилото.