Во стравична несреќа во Бугарија загинаа три мајки заедно со своите деца

Градоначалникот на Општина Студеничани, Азем Садик, изјави во вторникот дека од вкупниот број на загинатите во автобуската  несреќа во Бугарија, околу 20 лица се од населените места од оваа општина.

Истакна дека како градоначалник ќе бара истрагата да оди докрај и да се најдат причините, посочувајќи дека владите на двете држави треба да работат на пронаоѓањето на причините за трагедијата.

„Цела едно семејство: една мајка со четири деца и другата снаа со две деца се со потекло од селото Моране. Друга причина што сме тажни и немаме зборови како да ја искажеме нашата жалост е нашиот колега матичар којшто работи во Службата за матична евиденција во Скопје, кој загина заедно со неговата сопруга. Имаме и учителка од училиштето ‘Наим Фрашери’ од Студеничани, исто така со малолетно дете загинаа. Има загинати и од Долно Количани’, рече Садику.

Садику потенцираше дека според информациите што ги има, од седумте преживеани лица, четири се од Долно Количани.

„Ова е една голема загуба за сите нас, за цела држава и во име на граѓаните на Општина Студеничани најпрвин на роднините на загинатите им изразувам длабоко сочувство, Господ да им даде сабр за да ја издржат оваа болка, починатите да бидат наградени со џенет. Оваа голема болка, човек не може да најде зборови како да ја искаже жалоста и болката. Црн ден за целата држава, а посебно за нашата општина“, рече Садику.