Автобусот на „Беса Транс“ без лиценца 135 пати излегол од Македонија минатите 2 години

Опожарениот автобус на „Беса Транс“, кој немал извод од лиценца, изминатите две години дури 135 пати излегол од државата.

– Во однос на прашањето за бројот на преминување на државната граница на предметниот автобус, евидентирано е дека во 2020 година истиот во 22 случаи има остварено влез – излез од државата, додека во 2021 година има остварено 113 преминувања на државната граница, велат од МВР.

Оттаму појаснуваат дека Одделот за гранични работи и миграции при БЈБ во МВР не е надлежно да ги проверува лиценците за превоз на автобусите на граничните премини.

Министерството за транспорт и врски информираше дека за споменатото возило нема издадено извод од лиценца за вршење на меѓународен слободен превоз за патници, ниту пак за друг вид на јавен превоз на патници.

При последниот излез од земјата автобусот користел извод од лиценца на друго возило, со други регистарски таблички, исто така сопственост на превозникот Беса Транс, односно превозникот вршел злоупотреба на извод од лиценца од друго возило и лиценца од фирмата и со тоа свесно ги прекршувал одредбите од Законот за превоз во патниот сообраќај.

Последно познато е дека на 18.11.2021 година, од страна на царинските службеници електронски не е евидентиран излезот на возилото со регистарски таблички СК 0284 БА на превозникот БЕСА Транс од Скопје, извршена е само заверка на евидентентиот лист за превоз на патници.

Одговорност досега има само од двајца царински службеници кои биле на смена кога возилото излегло од државата. Тие се суспендирани од работа, а санкции се најавени и за нивниот раководител.