
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски истакна дека коалицискиот партнер Алтернатива има две опции. Да влезе во влада, која според него е корумпирана и веројатно најлоша во историјата или да остане во опозиција.
– Немам информации каква одлука ќе донесат од Алтернатива, не сум разговарал со Африм Гаши на таа тема. Од алтернатива и од СДСМ најавија средба на највисоко ниво и наскоро ќе дознаеме дали е постигнат договорот – истакна Мицкоски.
За кризата во енергетскиот сектор, Мицкоски рече дека владејачката гарнитура нема кадри кои можат да се справат со предизвикот и затоа поставуваат хармоникаши на одговорни функции.
За трагедијата со автобусот на „Беса транс“ во Бугарија, во која животот го загубија 45 лица, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ не верува дека ќе предизвика било каква одговорност кај надлежните служби.
– Свесно не се појавувавме во јавноста изминативе три дена, дозволете ми уште еднаш да изразам сочувство до роднините на загинатите. Овој немил настан е само продолжение на криминалот и корупцијата што беше актуелна за време на несреќата кај Ласкарци, кога се преврте автобусот на „Дурмо турс“, а потоа се повтори и со трагедијата во Тетово кога се запали болницата – додаде тој.