
Ако не дојде до брза реализација на инфраструктурните проекти како што е завршувањето на изградбата на автопатското решение Кичево – Охрид и меѓународниот магистрален пат Охрид – албанска граница, здравствениот, алтернативниот и спортскиот туризам не можат да се развиваат, оценија на денешната работна средба градоначалникот на Охрид, Кирил Пецаков и претседателот на Стопанската комора на Северна Македонија, Бранко Азески.
На средбата стана збор за прашања поврзани со децентрализацијата и со потенцијалите за заеднички проектни активности во рамки на програмите на ЕУ, Коморскиот инвестициски форум и другите меѓународни организации.
Охрид, како најголем туристички центар, има одлична соработка со Здружението на угостителството и туризмот при Комората и затоа, беше речено, ќе се вложат дополнителни напори за продлабочување на соработката во областа.
Според Азески, туризмот во заложбите на Стопанската комора има приоритетно место за добивање статус на извозно-ориентирана дејност, со што конкретно ќе се смени и односот на државата кон гранката што поседува потенцијал да оствари раст. Во овој контекст, на средбата посебно се разговараше за здравствениот, алтернативниот и спортскиот туризам.