Груевски остварил разговори со поголем број државници во Лиеж

Претседателот на македонската Влада, Никола Груевски, на маргините на церемонијата за одбележување на 100-годишнината од почетокот на Првата светска војна, што се одржа вчера на Меморијалниот споменик во Лиеж, Кралството Белгија, остварил неформални разговори со поголем број присутни државници.

Според информациите, поремиерот Груевски неформално разговарал со претседателот на Европската Комисија во заминување Жозе Мануел Баросо, со бугарскиот претседател Росен Плевнелиев, претседателот на Србија Томислав Николиќ, албанскиот претседател Бујар Нишани, како и црногорскиот претседател Филип Вујановиќ.

Покрај неформалните разговори со шефовите на држави од регионот, Груевски неформално разговарал и со германскиот претседател Јоаким Гаук, белгискиот министер за одбрана Питер де Крем, министерот за здравство на Нов Зеланд, Тони Рајал и други.

Претседателот на македонсата Влада имал и запознавање со францускиот претседател Франсоа Оланд без подолг разговор. Речиси сите разговори биле остварени после ручекот кој за ВИП гостите го приредиле кралот и кралицата на Белгија, Филип и Матилда.

Во Лиеж се собраа над 50 шефови на држави и влади, а на свеченото одбележување покрај претседатели и премиери имаше и претставници на кралските семејства од цела Европа.

На цермонијата во Лиеж се обратија претседателите на Франција и на Германија, Франсоа Оланд и Јоаким Гаук, војводата Вилијам од Кембриџ, белгискиот крал Филип и премиерот на Белгија, Елио ду Рупо.

Говорниците им оддадоа почит на над 8 милиони војници и цивили кои загинаа во Првата светска војна. Меморијалниот центар Коинте е подигнат на местото на првата битка меѓу германските и сојузничките сили, откако армијата на Кралството Германија, на 4 август 1914 година, ја мина белгиската граница, вовлекувајќи ги Франција и Обединетото Кралство во отворен конфликт. Лиеж бил првиот град кој пружил 12 дена отпор и со тоа помогнал другите делови на Белгија, но и Франција и Велика Британија да се организираат за борба и одбрана.

Во Првата светска војна со свои војски учествувале 30 земји. Загинаа 8,5 милиони луѓе, а 21,2 милиони беа повредени.