Бран оставки меѓу австриските конзервативци

Вчерашниот ден го одбележаа неколку оставки на политичари на високи функции во Австрија, откако лидерот на Народна партија на Австрија (ÖVP), поранешниот канцелар Себастијан Курц соопшти дека се повлекува од политиката.

Курц успешно ја водеше партијата и на минатите избори во 2019 година освои 37 проценти од гласовите. Курц на 9-ти октомври се повлече од функцијата канцелар откако беше обвинет за поткуп, корупција и нарушување на довербата.

До вчерашната најава на Курц се шпекулираше дека по завршувањето на истрагата против него тој може да се врати на политичкиот врв.

Неколку часа по Курц и австрискиот канцелар Александар Шаленберг изјави дека се повлекува од функцијата, на помалку од два месеца по преземањето на должноста. Оставката на конзервативниот политичар Шаленберг најави сериозни превирања во врвот на австриската политика, а особено во конзервативната Австриска народна партија (ÖVP), коментира германската новинска агенција DPA.

По Курц и Шаленберг, и министерот за финансии Гернот Блимел синоќа најави дека поднесува оставка.

Блимел се води како еден од обвинетите покрај Курц во истрагата за проневера и поткуп, поврзана со нарачување наводни лажни истражувања.

Австриските медиуми шпекулираат дека  ÖVP не сака да чека да види дали ќе се појават уште онлајн разговори кои дополнително би можеле да го оптоварат Блимел.

Во Австрија се шпекулира дека министерот за внатрешни работи Карл Нехамер би можел да ја преземе функцијата лидер на  ÖVP, но и како канцелар и министер за финансии.

Во австриската Влада може да дојде до дополнителни промени, бидејќи се споменува дека Нехамер би можел да ги замени министерката за економија Маргарета Шрамбек, министерката за земјоделство Елизабет Кестингер и министерката за интеграции Сузана Раб, членки на владата кои биле многу блиски со Курц.