АА: Молитви за жртвите, сочувство за семејствата, срам за властите

Денеска, кога 45 жртви од трагедијата во Бугарија се испраќаат во вечниот дом, го молиме Бога да ги прифати овие души во својата милост и благосостојба, како и да им даде сила и трпение на нивните семејства со кои ја споделуваме болкат, се истакнува во соопштението кое во петокот до медиумите го испрати Алијанса за Албанците.

„Воедно, изразуваме жалење за начинот на кој оние кои треба да одговараат и да дадат отчет за оваа трагедија, решија да ја продлабочат болката и да ја злоупотребат оваа трагедија со партиски и политички паради. Дрскоста на оваа власт, како и во трагедијата кај Ласкарци, Тетово и многу други, дојде до израз во овој трогателен случај. Роднините  на кои денес им гори душата, имаат потреба за вистината и правдата, а не за претстави и паради на министри, премиери и партиски лидери на кои не им е ни место таму“, се наведува во партиското соопштение.