Истече рокот за кандидатури за претседателскaта функција во СДСМ- официјално четворица ставија потпис за влез во трката на внатрепартиските избори на 12ти наредната недела.
По Димитар Ковачевски, Фросина Ременски и Властимир Алексовски, денеска поднесе кандидатура и Јован Деспотовски. Во изјава за Канал 5, директорот на ТИРЗ рече дека е мотивиран од долгогодишното искуство, а фокусот во неговата програма насловена “Концепт 28”, вели дека ќе бидат потребите на граѓаните, а не на партијата. Непосредното гласање од членството, со повеќе понудени опции, покажува дека СДСМ е поразлична од другите политички партии и дека има кандидати кои прифаќаат големи предизвици, смета Деспотовски.
Иако вчера најави дека размислува, поранешниот советник на Заев, Миле Зечевиќ, денеска не поднесе кандитура. Пристигнатите четири утре треба да ги провери и потврди Централната изборна комисија на СДСМ, дали сите тие ги исполнуваат условите.
Денеска заврши и регистрацијата на членството кое ќе гласа на партиските избори, а колку се пријавени, се уште не се знае.
Истиот ден како и СДСМ, на 12ти декември, на Конгрес, партиски лидер ќе бира и ВМРО-ДПМНЕ. Освен актуелниот претседател Христијан Мицкоски, засега нема пријавени други кандидати.