САД не планираат испраќање војници во Украина за одбрана од Русија

Американскиот претседател Џо Бајден изјави во средата дека испраќањето на американски војници во Украина за да ја одвратат Русија од можен напад „не е на масата“ и најави дека наскоро ќе дојде до средба меѓу претставници на Русија и на другите челнки на НАТО.

Бајден изјави дека Русија и најмалку четири големи земји членки на НАТО ќе се најдат на состанок на високо ниво „за да дискутираат за загриженоста на Русија поради ширењето на НАТО“ кон руските граници и дали може да се стори нешто во врска со „намалувањето на температурата на источното боиште“.

Американскиот претседател Џо Бајден за новинарите изјави дека на рускиот претседател Владимир Путин во текот на нивниот двоиполчасовен виртуелен состанок „јасно му дал до знаење дека Русија ќе се соочи со досега невидени економски последици“ доколку ја нападне Украина.

Додаде дека е „сигурен оти Путин добро ја сфатил“ таа порака“. „Бев многу јасен: ако ја нападне Украина, ќе следат тешки последици, економски последици какви што уште не се видени“, тврди Бајден без да ги прецизира мерките.

Бајден во средата, исто така, рече дека САД во Украина ќе испратат одбранбени системи по руските обвинување дека на Киев му испорачуваат офанзивни оружја, и посочи дека има „морална и законска обврска да ги брани сојзниците во НАТО доколку бидат нападнати“, но дека тоа не се однесува на Украина.

„Тоа ќе зависи од тоа што ќе кажат другите членки на НАТО. Но идејата САД еднострано да употребат војска против Русија која ја напаѓа Украина… тоа не е опција“, истакна Бајден.

Речиси истовремено со претседателот Бајден, дека САД не планираат да испраѓаат свои војници за заштита на Украина од Русија потврди и неговиот советник за национална безбедност Џејк Саливан во онлајн-интервјуто за американското издание Defense One.

„Во врска со прашањето за испраќање американски војници во Украина за конфонтација со Русите и за заштита на украинската територија, само пред неколку минути звборувашпе претседателот и рече дека тоа не е дел од нашиот план“, истакна Саливан.

Појасни дека САД „во случај на руска инвазија врз Украина се насочени кон тешки економски мерки, осигурување одбранбени средства за Украина и неопходни мерки за зајакнување на сојузниците во НАТО, што може да вклучува зголемување на присуството на американските сили и зголемени потенцијали во земјите како Полска, балтичките земји, Романија и др“.

Иако Белата куќа тврдеше дека Бајден не направил никакви отстапки по барањата на Путин кој изрази загриженост за проширувањето на НАТО кон руските граници и порача дека „црвена линија“ за Москва е обидот Украина да стане членка на Алијансата, се чини дека Вашингтон, сепак, е расположен да дискутира за ова прашање.

Русија со години наназад истакнува дека бара правно обврзувачки договор за неширење на НАТО кон нејзините граници, откако во 1990-те години во периодот на уривањето на Берлинскиот ѕид и крахот на комунистичкиот систем последниот советски лидер Михаил Горбачев добил само усни гаранци во врска со оваа тема од тогашниот американски претседател Роналд Реган.

Рускиот и американскиот челник во вторникот виртуелно разговараа за ситуацијата во Украина, во периото кога руско-американските односи се на историско најниското ниво и во заднината на обвинувањата дека Русија трупа војски на границата. Москва, од своја страна, го обвини Киев за вонствена реторика и за префрлање на половина од својата армија на линијата на раздвојување со силите на нејзините побунети рускојазични источни региони и тврди дека разместувањето на единиците има чисто одбранбен карактер.