Барса и Севилја се збогуваа од ЛШ – на пролет ќе играат Лига Европа (ВИДЕО)

Шпанскиот фудбал кој изминатава деценија доминираше во Лигата на шампионите со шест европски титули (четири Реал Мадрид, две Барса) и лесно сите четири претставници ја минуваа групната фаза, сезонава доживеа вистински потоп откако вечерва Барселона и Севилја се елиминирани од европската елита и на пролет ќе играат во Лига Европа.

Кулминација на кризата во Барселона, која започна уште лани со срамниот дебакл со 2-8 од Баерн Минхен во Лисабон вечерва кулминира со елиминација од групната фаза откако баварската гордост без премногу мака ги победи Каталонците со 3-0, за да ѝ овозможи на Бенфика пласман во осминафиналето откако лисабонските „орли“ со брзи два гола во првото полувреме ја решија домашната задача со Динамо Киев за триумфот со 2-0.

Првпат после 20 години Барселона нема да игра пролетни елиминации во Лигата на шампионите, што е најголем неуспех за петкратниот европски првак, кој лани првпат не успеа да игра четвртфинале во ЛШ, па сега катастрофата е продлабочена.

Дека Барселона нема сезонава тим за повисоки дострели покажа и Баерн, кој уште во првиот дел со головите на Томас Милер и Лирој Сане решија сѐ, а Џамал Мусиала по еден час игра додаде и трет за убедливиот триумф. Бенфика, пак, за половина полувреме си ја заврши работата, откако Јаремчук и Жилберто дадоа два гола во шест минути од 16-та до 22-та минута.

Севилја требаше да победи во Салцбург во директната пресметка со австриските „бикови“ за место во осминафиналето, но Ноа Окафор со гол на асистенција на Карим Адејеми пет минути по стартот на вториот дел ги шокира Андализијците, па Жоан Џордан за осум минути им ја олесни работата со два жолти картони за да ја остави Севилја до десетмина.

После елиминациите на Барса и на Севилја, шпанската чест останаа да ја бранат мадридските Реал и Атлетико во елиминациската пролетна фаза, а шанса за пласман има Вилјареал кој утре ќе го одигра мечот со Аталанта во Бергамо во директен дуел за пласман во осминафиналето, откако вечерва пресметката беше одложена поради снежната бура која парализираше сѐ.

Лил го растури Волфсбург со 3-1 на гости за да го освои првото место во највозбудливата група сезонава во ЛШ, со по еден гол на Гурак Јилмаз, Џонатан Дејвид и Ангел Гомез.

Манчестер јунајтед ремизираше 1-1 со Јанг Бојс во меч кој не значеше ништо зашто „црвените ѓаволи“ го освоија првото место во групата уште во минатата рунда.

ГРУПА Е

Баерн Минхен – Барселона 3-0, Бенфика – Динамо Киев 2-0

КОНЕЧНА ТАБЕЛА: Баерн Минхен 18, Бенфика 8, Барселона 7, Динамо Киев 1

ГРУПА Ф

Манчестер јунајтед – Јанг Бојс 1-1, Аталанта – Вилјареал одложена за утре

ТАБЕЛА: Манчестер јунајтед 11, Вилјареал 7 (-1), Аталанта 6 (-1), Јанг Бојс 5

ГРУПА Г

Волфсбург – Лил 1-3, Салцбург – Севилја 1-0

КОНЕЧНА ТАБЕЛА: Лил 11, РБ Салцбург 10, Севилја 6, Волфсбург 5