МЗТ шокирани од Феникс, Пелистер го декласираше Гостивар

Кошаркарите на Феникс продолжуваат со маестралните партии во дебитантската сезона, откако во четвртокот вечерта на домашен терен дојдоа до најдрагоцената победа во пресметката со актуелниот шампион МЗТ Скопје 90:83, остварена по едно продолжение.

Американците Џонс и Морган со по 20 поени беа најпрецизни кај победникот, каде што фантастичен беше и македонскиот репрезентативец Андреј Митевски со 18 поени, 11 скока и пет асистенции.

Немања Милошевиќ со 18 поени беше најпрецизен кај МЗТ, каде што Роберт Рикиќ и Дамјан Стојановски имаа дабл-дабл ефект со по 14 поени и со 13 односно 10 скока.

Кошаркарите на Пелистер се наоѓаат на прагот на повторување на ланскиот есенски дел, во кој забележаа максимален број на победи. Во десеттиот дуел од шампионатот избраниците на Марјан Илиевски го декласираа Гостивар во салата „Боро Чурлевски“ во Битола со 101;76.

Најефикасни во тимот на Пелистер беа Кесар со 33 и Караџовски со 22 поени, додека кај Гостивар се истакнаа Силаџи со 21 и Ефремовски со 17 поени.