Николоски: Огромна чест е да претседавам со 17. Конгрес на ВМРО-ДПМНЕ – ги поставуваме темелите за повеќе економија а помалку корупција

„Почитувани делегати на 17-ти Конгрес на ВМРО-ДПМНЕ, почитуван претседател на ВМРО-ДПМНЕ проф. д-р. Христијан Мицкоски, почитувани членови на ИК, претседатели на ОК, почитувани гости, би сакал на почетокот да ги поздравам претставниците на политичките партии кои што денес не удостоија со своето присуство и се присутни на 17-ти Конгрес на ВМРО-ДПМНЕ, благодариме за присуството. Навистина е чест за нас. Пред да започнеме, дозволете неколку збора, за мене претставува огромна чест и гордост што можам да претседавам со еден ваков состав на работно претседателство, а и лично навистина е огромна гордост да се претседава со Конгрес на ВМРО-ДПМНЕ“, нагласи Александар Николоски, потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ при одржување на 17-ти Конгрес на ВМРО-ДПМНЕ во салата „Јане Сандански“.

Николоски додаде дека тој е член на ВМРО-ДПМНЕ уште од неговите студентски денови, а за партијата знае откако знае за себе благодарение на неговите родители кои што го вдахнаа со таа идеја.

„Навистина е огромна чест да се седи тука. Во изминативе четири години претседателот Мицкоски заедно со сите вас, заедно со сите нас успеа да ја трансформира партијата. И од партија која што на валандовскиот Конгрес се соочуваше со тешка опозиција, се соочуваше со тогаш загубените локални избори, се соочуваше со силен политички прогон кој што меѓу другото значеше замрзнат имот на партијата, блокирани сметки на партијата, неможност партијата нормално да функционира, партија која што беше стигматизирана, партија за која што имаше прашалници во домашната и во меѓународната јавност. И по само четири години ВМРО-ДПМНЕ е најдобар претставник на македонските граѓани, на македонскиот народ, но и на Албанците, Турците, на Србите, на Ромите, на Власите, на Бошњаците, на сите кои што живеат во Македонија“, нагласи Николоски.

Николоски посочи дека после четири години ВМРО-ДПМНЕ е кредибилен партнер на меѓународната заедница. ВМРО-ДПМНЕ е стабилна политичка сила која што е една од темелните политички сили на Балканскиот полуостров.