Османи сѐ уште е оптимист во врска со почеток на преговорите со ЕУ

Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, во емисијата „24 анализа“ на ТВ24 рече говореше за актуелната политичка состојба и за случувањата меѓу Македонија и Бугарија.

И покрај денешниот студен туш за земјава од Брисел, министерот сè уште има големи очекувања дека Македонија наскоро ќе ги започне преговорите со Европската унија.

„Денеска се водела тешка дебата, но направиле компромис да остане барањето. Очекуваме земјава веднаш да ги почне преговорите штом се усвои преговарачката рамка. За првпат Бугарија не можеше да најде вина во Македонија. Во денешната дебата во Брисел немаше прашање по однос на погрешната интерпретација на историјата, туку имаше наметнување од страна на словенечкото претседателство да се одреди рок до крајот на годината“, истакна Османи.

Нашата позиција е принципиелна и многу земји-членки на ЕУ ја поддржуваат, додаде министерот.

„Бугарија има право на вето, а во однос на ставот на новиот бугарски премиер Кирил Петков, спорна е временската рамка. Шест месеци е предолг период во контекст во кој се наоѓа регионот. Има многу отворени прашања. Сметам дека тој период не ни одговара. Треба да седнеме со Петков и да разговараме што значи тој период. Нема потреба целиот регион да се држи во заложништво“, рече Османи.