Полска урива рекорди по бројот на починати од ковид

Полска регистрираше 669 смртни случаи од ковид за 24 часа, што е најголем број жртви од април, известува Асошиејтед Прес, а пренесува Н1.

Од денес во Полска стапи на сила одлуката за затворање на ноќните клубови. Исклучок ќе се направи единствено за новогодишната прослава на која ќе може да присуствуваат до 100 лица.

Исто така, јавниот сообраќај е ограничен на 75 отсто од капацитетот, а училиштата ќе преминат на онлајн настава во периодот од 20 декември до 9 јануари.

Наставниците, здравствените работници и припадниците на службата за безбедност и војската се обврзани да примат две дози од антиковид вакцината до први март следната година.

Од вкупно 38 милиони жители во Полска, 21 милион се целосно имунизирани против ковид-19, а скоро пет милиони имаат примено „бустер“ доза.

Во Полска од почетокот на пандемијата се регистрирани 3,9 милиони заразени и скоро 90 000 починати.

Рекорден број починати регистрираше и Грција каде за 24 часа починаа 130 лица како последица на компликации од ковид-19.