Радев предлага дијалог меѓу бугарскиот и македонскиот парламент

„Бугарија ќе ја отвори вратата за РС Македонија само со гаранции и заштита на нашиот национален интерес. Ако успееме да донесеме таква одлука, тоа ќе биде историски чин“, вели бугарскиот претседател, Румен Радев.

Бугарија го зацврсти своето вето за преговорите на Македонија со ЕУ. Претседателот Румен Радев од Скопје бара промена на Уставот, а од Брисел гаранции за исполнување на Договорот за добрососедство во преговарачката рамка. Радев вчера, по учеството на Европскиот совет, предложи бугарскиот парламент да иницира дијалог со македонскиот парламент, а најави и дека ќе го свика Советодавниот совет за национална безбедност за да разговара за односот на Бугарија кон Македонија и да бара консензус со сите политички партии во парламентот.

– Се надевам дека владата сè уште работи на целосна анализа на причините зошто дојдовме до неможноста да ѝ кажеме „да“ на РС Македонија. Предлагам бугарскиот парламент да иницира дијалог со македонскиот парламент за да можеме да ги бараме најдобрите решенија и да можеме да ја отвориме вратата што е можно поскоро – изјави Радев, објави БГНЕС.

Тој истакнал дека за ова разговарал и со новиот премиер Кирил Петков.

– Бугарија ќе ја отвори вратата за РС Македонија само со гаранции и заштита на нашиот национален интерес. Ако успееме да донесеме таква одлука, тоа ќе биде историски чин, но да не заборавиме дека овој процес е целосно во рацете на земјата кандидат – вели Радев.

Во интервју за европското издание на „Еуроактив“, Радев вчера повторно побара Македонија да го смени својот Устав и, според него, ова би бил чекор кон решавање на спорот.

– Се смета дека Бугарија и РС Македонија се во процес на повторно преговарање за Договорот за пријателство, но тоа не е така. Ние сме во процес на барање начин за подобро спроведување на овој договор. Договорите треба да се почитуваат. Ова е главен предуслов за да се биде член на ЕУ – вели Радев.

Тој објаснува дека најголема грижа на Бугарија е што Македонија не ги применува основните принципи и вредности на ЕУ, какви што се човековите права и недискриминацијата.

– Дискриминаторскиот третман на македонските Бугари трае со децении и тоа треба да престане. Тие мора да бидат третирани еднакво со сите други групи луѓе споменати во нивниот Устав. Се работи за принципи, а не за преговори. На РС Македонија ѝ требаа шест месеци да го спроведе Договорот од Преспа со Грција, па дури и го сменија името на својата земја и зошто е толку тешко да се додаде еден единствен збор „Бугари“ во Уставот – вели Радев за „Еуроактив“.

Бугарија до Советот на ЕУ поднесе засебна изјава дека нема да отстапи од своите барања и дека нема брзи решенија за спорот, јави МИА од Брисел. Во документот Софија објаснува дека формулацијата од заклучоците на Советот на ЕУ од 14 декември за „одржување на првата меѓувладина конференција што е можно поскоро по усвојувањето на преговарачката рамка“ не претставува никаков автоматизам помеѓу усвојувањето на рамката и одредувањето датум за првата меѓувладина конференција.

Бугарија најавува условување со контроверзните историски ликови, олеснување на бугарските инвестиции во РС Македонија, Коридорот 8 и со прекин на барањето за признавање македонско малцинство. Ако почнат преговорите со ЕУ, Бугарија ќе инсистира на овие многубројни услови и за затворање на поглавјата и кластерите. Бугарија бара нашата земја да се именува исклучиво со долгото име. Во документот Софија се навраќа и на заклучоците за проширувањето од 2018 година, дека Договорот за добрососедство „мора да стави ефективен крај на сите барања засновани на погрешно толкување на историјата“.

Софија во документот жали што Македонија не се посветила значително на преговорите со Бугарија.

„По години неприменување од страна на Република Северна Македонија на заложбите, довербата не може лесно да се врати. Сегашната атмосфера во РС Македонија не поттикнува изнаоѓање одржливо решение. Бугарија останува посветена на продолжување со консултациите. Бугарија не го оспорува сувереното право на граѓаните на РС Македонија да се самоидентификуваат како сакаат. Бугарија меѓутоа не може да толерира тој процес на градење на идентитет да се води преку опозиција и омраза кон Бугарија и преку политички мотивирано културно присвојување“, пишува во документот доставен до Советот на ЕУ.