Власта сака имотот на Славија кој вреди над 20 милиони евра да го продаде за 200.000 евра на лица блиски до Заеви

Власта сака имотот на АД Славија кој вреди над 20 милиони евра да го продаде за 200 илјади евра на лица блиски до Заеви, ова денеска преку соопштение до јавноста го истакнаа од ВМРО-ДПМНЕ.

-Имотот на АД Славија, чија што само управна зграда и земјиште под и околу зградата вреди над 10 милиони евра сака да го продаде за 200.000 евра. АД Славија покрај управната зграда има и голем број на други објекти на атрактивни локации. Продажбата на АД Славија за 200.000 евра е грабеж на народот. Изговорот на власта дека се работи за продажба на акции не држи вода. Бидејќи целокупниот број на акции се продава 200.000 евра, а со поседување на акциите се поседува и целокупниот имот чија вредност е сто пати поголема од сумата по која власта сака да го продаде претпријатието со целиот негов имот, велат од партијата.

Од таму прашуваат дали зад оваа продажба по багателна цена се крие фирма и лица блиски до Заеви која треба да стане сопственик на имотот на АД Славија? И дали затоа власта толку жестоко го брани овој криминал?