Спасеновски: Нефункционалното Собрание не овозможува функционирање во услови на економска, здравствена и енергетска криза

Имаме нефункционално Собрание, а тоа произлегува како резултат на слабото, тесното парламентарно мнозинство. За да имате функционално Собрание кое ќе носи одлуки о закон треба поголемо мнозинство од 64-65 пратеници, има други настани и меѓународни активности и други обврски за пратениците. Не би можел да кажам дека мнозинството е зголемено со Алтернатива, вели за „Топ Тема“ на Телма, универзитетскиот професор, Александар Спасеновски.

Според Спасеновски има нефункционално собрание кое е тесно грло кое не овозможува функционирање на системот во целина особено во светло на економска, здравствена и енергетска криза. Тој додаде дека дали сега ќе има стабилно мнозинство ќе се види колку брзо се носат одлуките во Собрание.

„Ако зборуваме за новата влада ќе видиме со која брзина ќе се носат одлуките во Собрание, бидејќи владата е предлагач на 99% од законите. Ако нема мнозинство кое ќе овозможи беспрекорност во реализација на политиките на владата вие не може да создавате амбиент на реформи и спроведување на политиките кои ги ветувате“, рече тој.

Спасеновски истакна дека новото раководство на СДСМ има голем проблем затоа што во владата според ресорите учествува само 30 до 35% и може да се доведе до ситуација желбата за предвремени избори кај нив да биде поголема.