Заев побегна од пратенички прашања, не одговори за штетните политики пред македонската јавност, вели Мицевски

Имав жестока реакција по основ за пратеничките прашања, затоа што не би се сложил со класификацијата на колегата Митрески дека ова е циркус. Туку ова е низок морален чин од страна на премиерот Зоран Заев од причина што на координацијата што се одржа понеделникот договорено беше оваа седница за пратеничките прашања да се одржи на денешниот ден 23.12.2021 година. Иако не е последен четврток од месецот, секако. Премиерот Заев чекаше во текот на вчерашниот ден да заврши седницата за да ја постави својата оставка, а не да ја поднесе за време на седницата, затоа што знаеше дека ќе има дискусии и коментари од пленарната говорница, а тоа е нешто што во овој момент не им одговара на СДСМ,истакна Никола Мицевски, координатор на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата „За обнова на Македонија“ во емисијата „24 анализа“.

Мицевски додаде дека доколку беше висок морален чин оставката иако тој би го класифицирал како класично бегство од она што следува и од резултатите кои што ги направи СДСМ на локалните избори, свесни дека наредниот период само на полошо ќе одат работите во СДСМ, ова е еден вид на евакуација на Заев, би почекал доколку сака да го класифицира како висок морален чин да завршат пратеничките прашања бидејќи тие беа најавени и уредно прифатени. Дури смета дека роковите не се многу разлика доколку таа оставка беше поднесена во текот на денешниот ден.

„Ама упорно бегајќи изминатиов период затоа што морам да кажам дека последните пет месеци нема одржано пратенички прашања ниту еднаш, упорно бегајќи од сите одговори кои што треба да се дадат пред македонската јавност ние дојдовме во ситуација да измислуваме тактики и стратегии како да избегаме од граѓаните и од одговорите, а пред се од транспарентноста. И ова Влада на начинот на кој што го започна својот мандат популистички, на истиот тој начин и го завршува“, децидно нагласи Мицевски.

Мицевски посочи дека добро е што граѓаните се политички едуцирани па го казнија СДСМ.