Омикрон и Делта создаваат „цунами од случаи“ на новозаразени, велат од СЗО

Истовременото ширење на сојот Делта и на сојот Омикрон на коронавирусот создава „цунами од случаи“, нагласи на прес-конференција денеска генералниот директор на Светската здравствена организација (СЗО), Тедрос Аданом Гебрејесус.

– Многу сум загрижен што Омикрон, што лесно се пренесува и се шири во исто време со Делта, води до цунами од случаи, изјави тој, додавајќи дека тоа е двојна закана што доведе до нагло зголемување на хоспитализации и смртни случаи.

Тедрос го повтори својот повик до земјите да дистрибуираат дози на вакцини против коронавирусот поправедно и предупреди дека акцентот на засилувачките дози во побогатите земји може да доведе до недостиг на вакцини во посиромашните земји.

Тој рече дека СЗО е посветена да обезбеди секоја земја да достигне стапка на вакцинација од 70 проценти до средината на 2022 година, што ќе помогне да се стави крај на критичната фаза на пандемијата.