Нов заболен од листерија, се наоѓа во потешка состојба

Министерството за здравство од Клиниката за инфективни болести е информирано дека кај пациент хоспитализиран на оваа клиника денес е добиен позитивен изолат на listeria monocytogenes од ликвор како причинител за менингоенцефалит.

Станува збор за пациент на возраст од 46 години од Неготино, кој бил хоспитализиран на Инфективната клиника на 3 август со гастроентероколит и бронхопневмонија, кој се наоѓа во потешка здравствена состојба и веднаш е поставен на механичка вентилација.

Поради клиничката слика започнато е и со пеницилинска терапија, а во лекувањето дополнително се вклучени и доктори-анестезиолози од КАРИЛ.

-Имајќи ја во предвид должината на инкубација на ова заболување, веројатноста за инфицирањеto кај овој пациент е во периодот од 1 јуни до крајот на јули оваа година.

Во тек е спроведување на проширени епидемиолошки анкети од епидемиолози од Центарот за јавно здравје-Велес, во однос на претходни заболувања, консумација на храна и други потребни податоци за можна поврзаност со храна, соопштуваат од Министерството за здравство.

На изолатот на листерија ќе се направи генотипизација заради утврдување на поврзаност на овој случај со останатите лица, а исто така е побарано и потврдување на позитивниот изолат од страна на микробиолошката лабораторија од Институтот за јавно здравје-Скопје.