
Цената на парното греење што ќе важи од утре, 1 јануари ќе се зголеми за 14,05 отсто за сите корисници во Градот Скопје, односно и за трите компании кои ги снабдуваат граѓаните – Балкан енерџи груп (БЕГ), ЕСМ Енергетика и Скопје Север, одлучи во петокот Регулаторната комисија за енергетика.
Како што информира претседателот на РКЕ, Марко Бислимовски, основен критериум за формирање на цената на парното греење е цената на природниот гас која лани просечно се движела околу 240 долари за нормален кубен метар, а годинава на БЕГ производство му е понудена цена од 1480 долари.
„Доколку ја вкалкулиравме ваквата цена на природниот гас во крајната цена за парното ќе требаше да има зголемување од околу 190 отсто, но тоа не е опција. Затоа се одлучивме да побараме помош од Владата, Град Скопје и скопските општини да помогнат да се надмине разликата во цената“, рече Бислимовски.
Посочи дека вообичаено БЕГ давал по два милиона евра во јануари за набавка на гас, а годинава ќе треба да де 13,8 милиони евра. Разликата во цена, како што кажа, ќе ја надополнат Владата и општините на Град Скопје.
Нагласи дека е набавен гас за ЕСМ Енергетика и за топланата Скопје Север, како и за првите 15 дена од работењето на БЕГ.
Како опција, која не ја препорачува од еколошки аспекти, сите топлани можат да се префрлат на работа на мазут за само неколку дена, а БЕГ како најголем снабдувач е должен да има резерви од мазут за 15-дневно работење