Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, проф. д-р Христијан Мицкоски во емисија на Алфа телевизија даде свој коментар во однос на улогата на ДУИ која што ќе ја има наредниот период во владата на Димитар Ковачевски. – „Тие се факторизираат, тие испраќаат порака дека тие се фактор, СДСМ не е фактор во Владата. Сега ќе дојде пиунот на Заев, Ковачевски, претпоставувам таму негде на средината на овој месец и ќе го предложи кабинетот. По тоа што го гледам само ќе го продолжи заевизмот и практично вие ќе имате многу послаб капацитет на политичари и со политичка моќ, но и поинаква би рекол. Затоа што тој како мандатар се плашам дека нема да може да наметне ниту авторитет, ниту пак има политички кредибилитет бидејќи не излезе на избори, не доби поддршка од народот, не се легитимирал со платформата. И тука веќе настапува ДУИ, тука настапуваат Артан Груби, Бујар Османи, Крешник Бектеши, Фатмир Бесими и останатите кои што сакаат преку овие пораки да кажат кој владее во Владата, дека да ќе имаме ние нов мандатар некојси Ковачевски Димитар, кој што е поставен тука за да го продолжи ликот и делото на Зоран Заев. Но, вистинската и суштинската моќ, кој ги влече главните потези е ДУИ“.
Мицкоски додаде дека тоа не го порачува ДУИ само кон нивните гласачи, туку е и порака до меѓународната заедница.
„Затоа ВМРО-ДПМНЕ предупредува дека ова не е Влада на СДСМ и коалиционите партнери туку ова е Влада на ДУИ. Јас не го обвинувам тука ДУИ, немам намера да го обвинувам бидејќи си го тераат својот политички интерес на крајот од денот, тоа е дел од нивниот план и стратегија. Вината е тука ја лоцирам кај оние политички партии кои што се дел од Коалицијата на СДСМ, и тоа кај Горан Милевски, Маја Морачанин, Павле Трајанов, Љубчо Георгиевски и останатите кои што де факто поддржуваат Влада на ДУИ“, рече Мицкоски.
Мицкоски посочи дека СДСМ го нема легитимитетот веќе.
„И уште еден аргумент плус на последните локални избори два пати беа декласирани, а и рејтинзите последни велат дека рејтинзите уште малку не се 2:1 помеѓу ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ“, нагласи Мицкоски.
Мицкоски укажа дека поради тоа ВМРО-ДПМНЕ бара предвремени парламентарни избори.