Според календарот по кој се раковори Македонската працославна црква Охридска архиепископија, Јулијанскиот календар, денеска е 22-ри декември, кога православните христијани си спомениваат на светата великомаченица Анастасија.
Зборот маченик е превод на грчкиот „мартис“, што значи „сведок“. Значи, мачениците се сведоци, кои со својот чудесен живот сведочат за една божествена стварност што им е достапна на луѓето. А тие што со животот покажале посебно сведоштво за распнатиот и воскреснат Христос, Црквата ги нарекува великомаченици.
Таква беше оваа света Анастасија, по потекло римјанка од виден род. Таа ги поднесе сите неприлики со својот маж, незнабожец, ја поднесе тежината на затворот и во сето тоа не престана да ги помага затворениците и сите што се наоѓаа во некоја мака. Заради таа своја вина од римските управници света Анастасија беше наградена со смрт, а од Христа со живот во неговите вечни живеалишта. Света Анастасија пострада во 290 година.
Оваа славна ревнителка на Христовата вера се роди во Рим во дом богат и сенаторски, од татко паганин и мајка христијанка. Уште како млада се приврза со љубов кон Господ Исус, а во Христовата наука ја раководеше благочестивиот учител Хрисогон.
Принудена од татко ѝ стапи во брак со некој незнабожечки велепоседник Публиј. Под изговор на женски болести никако не сакаше да влезе со него во телесна врска. За ова мажот ѝ горчливо ја мачеше со затвор и глад. А уште поголеми маки ѝ наложи кога дозна дека таа тајно ги посетува христијанските маченици по затворите, им носи понадици, ги служи, им ги мие раните, им ги одврзува јажињата. По Божја Промисла беше ослободена од свирепиот маж. Царот го испрати Публиј во Персија, а тој патувајќи по морето потона. Тогаш света Анастасија почна слбодно да им служи на мачените христијани и своето големо наследство да го троши делејќи им милостиња на сиромасите. Еднаш царот Диоклецијан беше во градот Аквилеја и нареди да му го доведат Христовиот исповедник Хрисогон. Него по патот го придружуваше света Анастасија. На заповед од царот на светиот Хрисогон му ја отсекоа главата. Тогаш пострадаа и трите сестри Агапија, Хионија и Ирина (под 16-ти април): првите две беа фрлени во оган, а третата прострелана со стрела. Нивните тела ги зеде света Анастасија, ги завитка во бело платно и откако ги обложи со многу аромати чесно ги погреба.
Потоа отиде во Македонија и таму им помагаше на Христовите страдалници. Овде ја препознаа како христијанка и за ова ја фатија и ја водеа на сослушување и мачење кај разни судии. Сакајќи да умре за возљубениот Христос, Анастасија непрестајно во срцето ревнуваше кон Него.
Еден началник на жреците Улпијан сакаше сладострасно да ја оскверни, но одеднаш ослепе и издивна. Осудена на смрт со глад света Анастасија прележа во затворот триесет дена без храна, хранејќи се единствено со солзи и молитва. Потоа ја ставија на кораб со уште неколкумина христијани за сите да ги потопат, но Бог ја сочува и од таа смрт. Најпосле ја положија над оган да виси приврзана со рацете и нозете со четири јазли, па ја предаде својата света душа на Бога.
Најпосле ја положија над оган да виси приврзана со рацете и нозете со четири јазли, па ја предаде својата света душа на Бога.
Нејзиниот манастир се наоѓа во Грција, на 30 километри од Солун. Се верува дека света Анастасија им доаѓа на помош на сите жени кои денеска ќе одат во црква, ќе запалат свеќа и ќе ја изговорат оваа молитва:
„Овчичката твоја Анастасија, повикува со силен глас:’Тебе сопругу мој те љубам и барајќи те страдам и се распнувам и погребувам во твоето крштевање. И’ страдам поради тебе, за да царувам со тебе, и’ умирам за тебе, за да живеам со тебе. Прими ме како чиста жртва со љубов жртвувана за тебе’. Со нејзините молитви, како Милозлив, спаси ги нашите души“.