Флурона-та потврдена и во БиХ

Во Босна и Херцеговина во вторникот е потврден првиот случај на истовремена зараза со коронавирусот и со вирусот на грипот, а заболел млад маж кој бил хоспитализиран во Клиничкиот центар во Бања Лука.

Претходниот случај на флуроната во регионот беше идентификуван во понеделникот во Хрватска

Флуроната, како што се нарекува истовремената зараза со двата вируса, била дијагностицирана кај 21-годишно момче, а од бањалучкиот Клинички центар изјавиле дека тој е свесен и во стабилна состојба.

Досега во Бих немаше пријавени случаи на зараза со сезонски грип, додека во вторникот се потврдени малку повеќе од 800 нови случаи на зараза со коронавирусот со 23 смртни случаи поврзани со тоа.

Според Светската здравствена организација (СЗО – WHO), симптомите и на грипот и на Covid-19 варираат во разни случаи, но постои група на исти симптоми кои се забележани кај пациентите, пишува Business Insider.

Тие вклучуваат губење на чувството за вкус и мирис, треска, кашлица, отежнато дишење, губење на апетит, постојана болка во градите. СЗО вели дека случаите со благи симптоми на флурона може да се лекуваат дома и дека нема потреба од хоспитализација. Сепак, постојат потешки симптоми на флуронa, а тие може да вклучуваат пневмонија, миокардитис и воспаление на срцевиот мускул.