Сметководителите бараат да се продолжи рокот за поднесување годишни финансиски извештаи, се жалат и на УЈП

Комората на сметководители при Сојузот на стопански комори денеска на прес-конференција уште еднаш апелира да се продолжи рокот за поднесување годишни финансиски извештаи до 31 март.

Сметководителите се пожалија и дека им пристигнуваат решенија за враќање на користената финансиска поддршка во 2020 година кои се со повеќемесечно задоцнување.

Тие бараат средба со министерот за економија во врска со годишните извештаи, а до УЈП поднеле барање да ги одложи роковите за враќање на поддршката, но и да ги преземе сите чекори пред Министерството за финансии.

Комората потсети дека со години наназад укажува на проблемот за прекратките рокови за поднесување годишни сметки и финансиски извештаи, како и дека во октомври 2021 година поднела барање за навремено интервенирање од страна на министерот за економја.

-Според Законот за трговски друштва, рокот за поднесување годишпни сметки во хартиена форма е до 28 февруари, а во електронска до 15 март што е многу кус рок, велат сметководителите и посочуваат дека рокот во Хравтска е 31 март, во Словенија и Германија 30 јуни, Шведска и Франција 31 јули. Останува нејасно зошто Министерството за економија и натаму е глуво на сите наши барања да се продолжи овој рок зашто Комората уште во октомври 2021 година поднесе барање за навремено интервенирање од страна на министерот кој може без интервенции во Законот да го продолжи рокот до 31 март, истакнаа од Комората и дополнија дека сметководителите не се имуни на пандемијата која секако се одразува врз нивното работење.

Комората очекува барањето за финансиските извештаи да се усвои што поскоро, а не како лани, последниот ден, па рокот да им се продолжи само два дена.

Во врска со решенијата за враќање на користената финансиска поддршка, прашуваат што правела УЈП изминатиот период.

-Од УЈП ни пристигнуваат решенија за враќање на користената финансиска поддршка во 2020 година кои се со повеќемесечно задоцнување. Иако датумот на решенијата е 24 декември 2021 година, роковите за враќање на поддршката се веќе поминати: 30 април 2021, 31 мај 2021, 30 јуни 2021, 31 октомври 2021, 30 ноември и 31 декември 2021. Што правела Управата изминатиот период, па наместо навреме да се изготват овие решенија, ги добиваме кога пристигнуваат и новите рокови за враќање на поддршката користена во 2021 кои почнуваат да течат од наредниот месец, беше речено на прес-конференцијата.

Сметководителите подвлекоа дека за побрзо надминување на кризата, државните органи мора да се фокусираат кон реалниот сектор и да носат политики кои ќе го поддржат. (МИА)