Драматичен инцидент се случил летото во елитниот скопски хотел „Александар Палас“, предизвикан од сопственикот на Националната агенција за обезбедување на лица и имот (НИКОБ), македонскиот бизнисмен Кирил Лазаров, чиј бизнис многу брзо се издигнува изминативе неколку години.
Според документи кои ги доби редакцијата на „Нетпрес“, на 8 јули 2021 година, Лазаров дошол во хотелот во 21 часот, почнал да се однесува агресивно и во еден момент физички го нападнал Драган Наков, синот на сопственикот на „Александар Палас“, Штерјо Наков. Во инцидентот настрадале и уште неколку присутни лица како и дел од инвентарот во објектот. Инаку фирмата на Наков е всушност и клиент на НИКОБ.
Од МВР ни потврдија дека на 8.07.2021 во 01.00 часот и во 02.00 часот во СВР Скопје било пријавено дека Д.Н.(44) и Н.С.(23), пред хотелот биле физички нападнати од К.Л. кој притоа ги оштетил рампата и камерата на паркингот.
Се преземаат мерки за расчистување на случајот, велат од МВР.
Освен во полиција, оштетените дивеењето на сопственикот на НИКОБ го пријавиле и во Комората на Македонија за приватно обезбедување, каде што и агенцијата за обезбедување и ФЕРШПЕД се членки.
Фирмата НИКОБ е прилично актуелна за бројните тендери кои ги добива од власта. Пред Нова година, се обзнани и дека НИКОБ склучил договор за обезбедување на 30 државни објекти во наредните три години, за три милиони евра.
Според барањата на тендерот, Агенцијата ќе треба физички да ги обезбедува обектите на државните органи, да ја гарантира личната сигурност на лицата кои работат во објектите на државната управа и да одржува ред во просторот што се обезбедува. Под нејзина надлежност ќе биде и видео-надзорот на објектите.