Кина го повикува населението да носи маска и ракавици кога ги отвораат поштенските пратки, особено оние коишто пристигнуваат од странство, откако властите изразија сомневања дека првиот случај на зараза со позаразната омикрон варијанта на коронаворусот во главниот град Пекинг можеби стасал во пакет од Канада.
Кинеските власти најавија дека ќе ја зајакнат дезинфекцијата на поштенските пратки кои пристигнуваат од странство, и натаму инсистираат на вакцинирање на поштенските работници. И во минатото кинеските здравствени власти објавуваа дека коронавирусот може да пристигне во пратки, откако на пазарот во Пекинг минатата година се случи локална епидемија и беше идентификувано дека заразата почнала од работник кој работел со смрзната риба од Европа.
Мерките на претпазливост доаѓаат на помалку од три седмици пред почетокот на Зимските олимписки игри во Пекинг, додека неколку градови се ангажураат да ги запрат новите разгорувања на локални зарази со коронавирусот.
„Сведете ги купувањата на странски продукти и пратки на минумум. Штитете се во текот на примопредавањето лице со лице и носите маски и ракавици, обидете се пратката да ја отворите надвор“, соопшти во понеделникот вечерта државната телевизија CCTV во пост на социјалните мрежи.
Здравствените власти соопштија дека лице заразено со омикрон варијантата на коронавирусот отворило пакет од Канада кој патувал преку САД и Хонгконг и дека пренесувањето на вирусот преку пакетот „не може да биде исклучено“. Случајот ја истакнува важноста од „лична одбрана“ од вирусот, се наведува во постот на CCTV.
Слични упатства како да се постапува со поштенските пратки, и не само со оние од странство, издаде и Националната здравствена комисија на својот официјален акаунт на WeChat, а пораката ја пренесуваат и градските власти во мегалополисите Шангај и Нанџинг.
Државната поштенска канцеларија во понеделникот издаде обврска целата странска пошта да мира да дизинфицира откако ќе стаса во Кина, а персоналот кој ја разделува и доставува странската пошта треба да биде вакциниран со две дози од вакцината и со „бустер“. Кинеската пошта со налепници на пратките, исто така, ги потсетува примателите на странската пошта да ја дезинфицираат нејзината содржина навреме.
Кина, инаку, е осамена во тврдењата дека Covid-19 може да се пренесе и преку студениот синџир на увезема храна како месо и риби, и покрај тоа што Светската здравствена организација (СЗО – WHO) ја минимизира важноста на овој ризик, и го турка наративот преку државните медиуми дека вирусот постоел во странство пред да кон крајот на декември 2019 година кога беше откриен на пазарот за диви животни во Вухан. Притоа се повикува на некои истражувања кои покажуваа присуство на вирусот во канализациите на некои светски метрополи.
Последните седмици Кина се справува со повторната појава случаи на зараза во неколку градови, а во некои станува збор за позаразниот омикрон сој. Во вторникот се пријавени 127 нови локални случаи со потврдени симптоми.