
Првите шест од вкупно 18 воени авиони „Rafale“ што Грција ќе ги набави од Франција денеска ќе пристигнат во Атина, ќе прелетаат над Акропол, по што ќе следи и свечена манифестација во присуство на грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис.
Францускиот производител на авиони „Dassault Aviation“ го испорача на 21-ви јули минатата 2021 година својот прв борбен авион од моделот „Rafale“ на некоја држава во Европа, на Грција којашто нарача вкупно 18 вакви авиони од кои 12 ќе бидат веќе користени.
Премиерот Мицотакис и неговата владејачка партија Нова демократија во средата на социјалните мрежи вчера објавија видео од воените авиони и пораката „Доаѓаат“ заедно со грчкото и француското знаме.
Според најавите, по полетувањето од Франција, а пред слетувањето во базата на военото воздухопловство, авионите ќе прелетаат над Атина и Акропол.
Другите авиони, како што објавија грчките медиуми се очекува да пристигнат во Грција до 2023 година, шест на крајот на годинава и шест во текот на следната.
Француските борбени авиони „Rafale“ пристигнуваат нешто помалку од една година по потпишаниот договор од министрите за одбрана на двете земји Никос Панајатопулос и Флоранс Парли на 25-ти јануари минатата година, според кој Грција ќе набави од Франција 18 воени авиони Rafale.
Десетина дена претходно грчкиот парламент, со широко мнозинство го изгласа законот за набавка на шест нови и 12 користени воени авиони со вкупни трошоци од 2,49 милијарди евра и освен набавката, вклучуваат и трошоци за одржување, како и за набавка на опрема, односно оружје за самите авиони.
За време на Меѓународниот саем во Солун во септември минатата година, грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис соопшти дека ќе набават уште шест француски воени авиони „Rafale“, а според грчката новинска агенција ANA-MPA, во следните седмици се очекува потпишување на дополнителен договор за новите шест „Rafale“.