Велика Британија мора да научи да живее со Ковид-19 бидејќи болеста може да остане меѓу нас засекогаш, изјави денеска британскиот министер за здравство Саџид Џавид, во момент кога земјата се подготвува да ги укине повеќето ограничувачки мерки.
-Мораме да научиме да живееме со него. За жал, луѓето умираат и од грип: во тешка година со грип, за жал може да изгубите околу 20.000 животи, но затоа не ја затвораме целата земја, изјави Џавид за „Скај Њуз“.
„Ковидот нема да замине. Ќе биде меѓу нас многу, многу години, можеби засекогаш, и мора да научиме да живееме со него… Мислам дека сме лидери во Европа во транзицијата од пандемична во ендемична и водиме во покажувањето кон светот како може да се живее со Ковид-19“, додаде министерот.
Британскиот премиер Борис Џонсон вчера најави дека следната недела ќе ги укине повеќето рестриктивни мерки воведени за контрола на омикрон сојот на коронавирусот во Англија, како и дека во март планира да ја укине изолацијата за луѓето кои биле позитивни на вирусот.
Од 27 јануари носењето маска веќе нема да биде задолжително, нема да биде официјално препорачливо да се работи од дома, а ковид потврдите веќе нема да се бараат за влез во ноќни клубови и одредени поголеми собири, изјави конзервативниот лидер во парламентот.
-Со оглед на фактот дека ковидот станува ендемична болест, ние треба да ги замениме законските обврски со упатства и препораки, истакна Џонсон.