Имаме предвидено во инвестиционата програма средства за реконструкција и одржување и на водоводна и на канализациона мрежа, и во таа насока во периодот кој што следи заедно со општините и Градот Скопје ќе направиме план на приоритети и во таа насока ќе делуваме заедно со локалните самоуправи што е можно повеќе да ја унапредиме оваа мрежа, вели Златко Перински директор на ЈП Водовод и канализации на денешната седница на советот на Град Скопје.
Перински нагласи дека во општина Сарај е изворот од кој што се напојува цел град, но дека наплатата токму таму е како што рече тој исклучително ниска, посочувајќи дека во иднина мора да се подигне свеста на рационалното користење на водата, но и на наплатата.
Кога збориме за Сарај би сакал сите овде заедно да се сложиме за една работа, а тоа е изворот од кој што се напојува цел град е токму таа општина и 15 проценти од тој извор се троши токму во таа општина, а наплатата е исклучително ниска. Водата е ресурс кој што не смееме да го потцениме и во иднина ќе имаме проблеми доколку не ја подигнеме свеста на нејзиното рационално користење, а исто така и на плаќањето, изјави Перински.