Владата го чека предлог договорот од ЕСМ за тоа како ќе ја менаџира кризата со топлинската енергија.
Министерот за економија Крешник Бектеши најави дека денеска на седница Владиниот кабинет ќе треба да го одобри договорот кој ќе биде јавно достапен, за ЕСМ од утре и официјално да го преземе управувањето со БЕГ и топланата Скопје Север. Она што е познато е дека парно ќе има од 5 наутро до 1 по полноќ, а ЕСМ ќе работи без маржа.
„Денеска попладне ќе имаме владина седница каде ЕСМ е обврзано да го достави предлог договорот за деловно техничка соработка со БЕГ кој има лиценца за снабдување, дистрибуција и производство на топлинска енергија и согласно одлуката за прогласување на кризна состојба дополнително ќе вбризгуваме средства во ЕСМ.“ изјави Крешник Бектеши, министер за економија.
Колку пари ќе требаат за оваа криза проценка нема. Познато е дека на располагање има 6 милиони евра. Бектеши кажа дека пресметките се правени врз основа на берзанските цени на гасот за следниот месец, но не откри сума.
„Значи моментално ги знаеме фјучерсите во однос на февруари и согласно таа цена која е предвидена во берзите за февруари ќе се направи договорот меѓу БЕГ и ЕСМ.“ истакна Крешник Бектеши, министер за економија.
Сите трошоци за набавка на гас до утре ќе ги сносат самите компании, потоа тоа го презема ЕСМ.
Проблемите со парното греење почнаа по Нова година, кога голем број корисници се соочија со ладни радијатори или воопшто немаа греење и на минусни температури. Откако БЕГ предупреди дека веќе нема гас за да произведува топлинска енергија, Владата склучи договор со ТЕ-ТО, според кој оваа гасна централа ќе работи 7 дена во неделата. Вишокот струја ќе го купува ЕСМ по 170 евра за мегават час, а топлата вода што ја добива во произведоството, ќе ја пушта во системот на БЕГ.