ЕК бара од Полска да ја плати казната од 69 милиони евра во рок до 45 дена

Европската комисија побара во четвртокот од Полска да плати 69 милиони евра казна бидејќи не го извршила налогот од Судот на Европската унија да ја суспендира работата Дисциплинскиот совет на Врховниот суд, оценувајќи дека ја нарушува независноста на судиите.

Европската комисија во четвртокот им испратила писмо на полските власти во коишто бара во рок од 45 дена да ја платат сумата од 69 милиони евра.

Судот на ЕУ на 27-ми октомври минатата година ѝ наложи на Полска да плаќа казна од милион евра дневно, почнувајќи од 3-ти ноември, бидејќи не го суспендираше Дисциплинскиот совет на националниот Врховен суд. Судот на ЕУ претходно бараше од Полска во итен рок да го укине Дисциплинскиот совет на Врховниот суд, Варшава најави дека ќе го укине но досега не преземала ништо во таа смисла. Оттаму, судот на ЕУ одреди финансиска казна.

Полска во 2017 година усвои нови прописи за дисциплинска постапка за судиите во Врховниот суд и во редовните судии, со формирањето на Дисциплинскиот совет кој е задолжен за дисциплинските постапки против судиите во Врховниот суд и за жалбените постапки против судии од редовните судии, во рамките на правосудните реформи чијашто цел според Варшава е расчистување во оваа сфера од остатоците од комунистичкото минато.

Европската комисија потоа подигна и ја доби тужбата пред Судот на ЕУ, бидејќи судот утврдил дека новиот дисциплински режим не гарантира независност и непристраност на Советот чии членови се судии кои ги избра полскиот Национален совет за правосудство. Советот, пак, се состои од 15 судии коишто ги избира Сејмот, долниот дом на полскиот парламент.

Доколку Полска не ја плати сега бараната сума, ЕК по два месеца би можела да ја одземе од европските фондови кои се наменети за Варшава, што досега се нема случено во ЕУ.

Брисел со години наназад е во спор со конзервативната влада во Варшава, обвинувајќи ја за контроверзни правосудни реформи кои ЕК ги оценува како спротивни од европските стандарди.

Спорот кулминираше во јули и октомври лани, кога полскиот Уставен суд донесе одлуки во кои пресуди дека некои одредби од Договорот за ЕУ не се во согласност со Уставот на Полска, доведувајќи го во прашање првентството на правото во Унијата над националното право. Ланскиот октомври Европскиот парламент изгласа правно необврзувачка резолуција во која зачудувачки се наведува дека полскиот Уставен суд не е правно валиден, ниту е независан, како и дека не е квалификуван за толкување на Уставот на Полска.

Поради споровите по прашањето на владеењето на правото, неолибералниот естаблишмент кој доминира во Европската комисија ова тело сѐ уште не ги одобри националните планови за закрепнување и отпорност на Полска и Унгарија.

Унгарија и Полска побараа до Судот на ЕУ да се изјасни за правната валидност на механизмот за условеноста на заштитата на буџетот на ЕУ во случај на повреда на принципите на владеењето на правото во државите членки. Иако од ЕК тоа не сакат јавно да го признаат, очигледно е дека чекаат на изјаснување од Судот за ова прашање пред да ги одобри националните планови за закрепнување на двете земји членки.

Режимот на условеноста беше инаку најтешката пречка во преговорите на земјите членко за повеќегодишниот буџет за периодот од 2021 до 2027 година и за посебниот инструмент „ЕУ на следното поколение“, наменет за закрепнување од последиците од пандемијата на коронавирусот. Компромисот беше постигна откако на Унгарија и Полска им беше вететно дека уредбата нема да се применува додека за тоа не се изјасни Судот на ЕУ.