Западна Австралија останува затворена, на истокот расте бројката смртни исходи

Најголемата австралиска сојузна дражава Западна Австралија, ги одложува плановите за повторно отворање на границите на 5-ти февруари, наведувајќи го како причина растот на бројката заразени со омикрон варијантата на коронавирусот во источните држави.

Во најнаселената австралиска држава Нов Јужен Велс во петокот пријави 46 починати од Covid-19, меѓу кои е и едно дете, што е најголем број смртни исходи од почетокот на пандемијата, додека во државата Викторија починале 20 лица.

Меѓутоа, падот на бројот на хоспитализираните во двете држави будат надежи дека најновиот бран на Covid-19 би можеби веќе го достигнала врвот.

Сите држави и територии, освен Западна Австралија, повторно ги отворија внатрешните граници во согласност со политиката „живот со коронавирусот“, и покрај зголемениот број заболени. Западна Австралија требаше да ги отвори границите на почетокот од следниот месец.

Меѓутоа, премиерот на оваа држава Марк Мекгоувен ненадејно изјави дека би било „непромислено и неодговорно“ да бидат отворени границите, имајќи го предвид брзото ширење на омикрон сојот. Отворањето на границите е одложено на неодредено време или барем процентот на трикратно вакцинираните не достигне 80 отсто. Сега е само околу 26 отсто.

„Доколку продолжиме според првичниот план, намерно ќе предизвикаме илјадници случаи на зарази со Covid-19 во Западна Австралија, а во овој момент јас тоа нема да го сторам“, изјави Мекгоувен за новинарите. Првичниот план, додаде, бил заснован на помалку заразната делта варијанта на коронавирусот.

Државата која е со големина на Западна Европа а во којашто живеат само 2,7 милиони луѓе, со месеци беше затворена кон остатокот од земјата и светот, благодарејќи на што имаше помал број заразени. Во моментов има само 83 активни случаи, во споредна со 550.000 во цела Австралија.

Ваквата одлука веројатно ќе го разјари австралискиот премиер Скот Морисон, кој долго ги повикува сите држави да се отворат и да научат да живеат со вирусот.

Според првичниот план, во Западна Австралија би можеле да влезат двапати вакцинираните патници, без обврската за 14-дневен карантин. Сега патници мора да бидат трипати вакцинирани.

Во остатокот од Австралија бројката на заразените значително се зголемила во текот на изминатите седмици, поради што болниците се преполни, а поради растот на заболените е нарушено и снабдувањето.