Семејно насилство пораснало за 16,1 отсто, во однос на истиот период лани

Во првото полугодие од оваа година забележан е пораст на кривичните дела сторени при семејно насилство за 16,1 отсто, како и на поплаките за семејно насилство за 3,4 отсто, информираат од МВР.Р егистрирани се 389 кривични дела сторени при семејно насилство, што претставува зголемување од 16,1 отсто во однос на истиот период минатата година кога беа регистрирани 335 кривични дела.

Има значително намалување на прекршоците извршени помеѓу членови на семејство за 46,2 отсто како резултат на се соодветното третирање на семејното насилство од страна на полицијата, односно кривично санкционирање на оваа појава. Стапката на семејното насилство е највисока на подрачје на СВР Битола и СВР Штип, а најниска на подрачје на СВР Тетово и СВР Скопје.

Порастот на кривичните дела најевидентен е во Тетово за 93 отсто, потоа Штип за 50 отсто и СВР Скопје за 24,4 отсто. Зголемувањето на кривични дела се должи на порастот на делата „телесна повреда“ за 25,6 отсто.

„Забележителното намалување на прекршоците извршени помеѓу членови на семејството, се должи на се поадекватното третирање на семејното насилство, односно полициските службеници построго го санкционираат семејното насилство. Од прекршоците, повеќе од половина се регистрирани на подрачје на СВР Скопје, на останатите подрачја се регистрирани од два до 28 прекршоци, додека во СВР Битола не е регистриран ниту еден прекршок.Пораст на кривичните дела и прекршоците е забележан на подрачје на СВР Штип, а поплаките се на исто ниво како и лани, додека на подрачје на СВР Куманово и СВР Охрид се намалени трите параметри по кој се постапува при семејно насилство,“ информираат од МВР.