Аки Рахимовски ќе биде погребан в четврток во Загреб

Членовите на „Парни Ваљак“ вчера соопштија дека последното испраќање на легендарниот пејач Аки Рахимовски ќе биде направено в четврток, на 27 јануари, на гробиштата Мирогој во Алејата на великаните во Загреб.

Погребот ќе се одржи со семејството и пријателите. Во оваа прилика, „Парни ваљак“ ги информираше бројните фанови за начинот на кој можат да му оддадат почит.

„Со оглед на сегашните епидемиолошки мерки, ги замолуваме сите кои го сакаа Аки и сакаат да му оддадат почит да го сторат тоа од вторник, 25 јануари кај Бунарот на животот, пред загрепскиот Хрватски народен театар, каде што ќе може да се донесе цвеќе и да се запалат свеќи“, напишале тие.

Аки Рахимовски почина на 22 јануари во Ново Место, Словенија.

Рахимовски е роден во Ниш, но набрзо неговото семејство се пресели во Скопје, каде тој ја започна својата рок кариера, а подоцна, благодарение на неговиот вонсериски глас, е повикан да го прееме микрофонот во „Парни ваљак“.

Со Парни ваљак со децении ќе ги освојува срцата на публиката, со оваа група ќе сними десетици албуми продадени во стотици илјаден тираж и ќе има стотици и стотици концерти во поранешна Југославија и надвор од земјата.

Се истакнуваше со вонсериски глас и настап на сцената. Аки велеше дека Македонија му беше како втора татковина и често беше гостин во нашата земја.

ФОТО: Фејсбук