Во пресрет на годишнината од смртта на еден од најпознатите музичари на овие простори, Ѓорѓе Балашевиќ,
неговата ќерка Јелена – Беба Балашевиќ се огласи на Фејсбук и објасни зошто семејството нема да ја одбележи годишнината од неговата смрт.
„Прославувањето на денот кога ’Некој Твој‘ си заминал од овој свет не е нешто што некогаш се практикувало во нашата куќа. Не поради ’непочит‘, туку токму спротивното. Се сеќавате на тој ’Некој‘ секој ден, го сретнувате во безброј мали дневни настани – улицата по којашто минуваш, песната што сте ја коментирале, спортски настан, средба со заеднички ликови… И не, не ти треба тој датум во годината за да го одбележиш тој некој, за да го прославиш тој ден“, пишува Јелена.
Ѓорѓе Балашевиќ почина лани на 19 февруари на 67-годишна возраст во Нови Сад. Ќерка му додава дека оние кои го слушале и го разбрале Ѓоле, ќе се сетат дека „оваа неизбежност“ во негов стил ја нарече – „формалност што треба да ја завршам“ и оти ќе има посоодветни денови за прослава.
„Што се однесува до мене, колку и да звучи грубо, оние кои избраа да го одбележат тој датум од сиот тој живот и неговото безвременско дело, не го разбрале Ѓоле. Не ме прашувајте од каде знам…“, заклучи таа.
Многумина ги поддржаа нејзините коментари и се согласија дека таа напишала сè што треба.