
Велика Британија верува дека е клучно Северна Македонија да остане посветена на спроведување на својата реформска агенда, особено на реформите во областа на владеење на правото, доброто управување, човековите права и заштита на малцинствата, кажа во видеообраќање Стјуарт Пич, специјален претставник на Обединетото Кралство за западен Балкан, кој е во дводневна посета на Македонија.
Пич рече дека овие реформи се неопходни за напредок кон пристапување на Европската унија.
„Западен Балкан е од клучно значење во визијата на Обединетото Кралство за градење на европската безбедносна и економска мрежа. Ние продолжуваме да работиме со нашите партнери во Северна Македонија и во регионот на зајакнување на стабилноста, демократијата, владеењето на правото и справувањето на криминалот и корупцијата. Обединетото Кралство силно ја поддржува евроатлантската интегрaција на земјите од Западен Балкан, вклучително и на Северна Македонија. Веруваме дека е клучно Северна Македонија да остане посветена на спроведување на својата реформска агенда особено на реформите во областа на владеење на правото, доброто управување, човековите права и заштита на малцинствата“, рече Пич.
Специјалниот пратеник кажа дека на средбите со регионалните лидери, министрите на Обединетото Кралство го охрабруваат решaвањeтo на прашањата меѓу Северна Македонија и Бугарија.
„Ние го поздравуваме ангажманот на Северна Македонија и Бугарија за решавање на овие прашања, бидејќи тоа ќе ѝ помогне на Северна Македонија да продолжи по својата евроатлантска траекторија без одложување“, вели Пич.
Британскиот дипломат се сретна со претседателот Стево Пендаровски, премиерот Димитар Ковачевски, министерката за одбрана Славјанка Петровска и претставници на опозицијата, но, како што кажа тој, најважно е што се сретнал со млади луѓе, со цел да ја реафирмира посветеноста на Обединетото Кралство кон Северна Македонија и регионот и да ги слушне нивните ставови.
Како поранешен претседател на Воениот комитет на НАТО рече дека му е особено мило што Северна Македонија прослави една година од приемот во НАТО во март 2021 година и есента формално го заврши процесот на интеграција.
„Обединетото Кралство има силна билатерално партнерство со Северна Македонија уште откако воспоставивме дипломатски односи пред 28 години и ќе продолжиме да го градиме и зајакнуваме нашето пријателство“, рече Пич и најави дека повторно ќе дојде наскоро.